Вклучи се, за здрава животна средина

with No Comments

На 21.11.2017 година, Центар за климатски промени – Гевгелија (ЦКП) во соработка со Општина Струмица и Федерација на планински спортови на Македонија, ja маркирaше планинарската патека која почнува од црквата „Св. Кирил и Методиј“ и води до манастирот „Св. Илија“. Во акцијата учествуваа и учениците од општинското основното училиште „Сандо Масев“ од Струмица кои исто така помогнаа во маркирањето на патеката. Маркираната патеката е со должина од 3 километри, а поставената маркација е црвено-бела. Потребно време за да се испешачи целата патека е 1:30 час со просечен наклон од 9,9% и вкупен успон од 250 метри. Со оваа акција се очекува да се зголеми свеста за животната средина кај граѓаните, односно да се доближи природата и потребата за нејзина поголема грижа. Воедно, воспоставувањето на новата патека над градот ќе им користи на граѓаните за рекреација и можност за подолг престој во природа.

Акцијата е дел од акцискиот план за поголема вклученост на јавноста во процесот на донесување одлуки во областа на животната средина, кој е изработен за периодот 2017-2020 година. Целта на акцискиот план, а воедно и на проектот, е да се зголеми вклученоста на граѓанските организации во процесот на донесување одлуки од областа на животната средина на локално ниво и да се зајакне свеста на граѓанските организации за прашања поврзани со животната средина за поголема вклученост во креирањето на општествени промени во однос на доброто владеење и носењето одлуки на локално ниво. Настанот е дел од проектните активности на проектот „Зголемено вклучување на граѓанското општество во процесот на донесување одлуки од областа на животна средина“ и е финансиран во рамките на програмата за акциски грантови на ЦивикаМобилитас.