Поимот „животна средина“ широко се употребува и има широк опфат на различни дефиниции, значења и толкувања. Во најпопуларното користење, често терминот „животна средина“ се поистоветува со „природа“, или со други зборови природното опкружување заедно со сите карактеристики и процеси. Вака дефинирајќи го поимот, луѓето ја поистоветуваат „животната средина“ со природата која асоцира на див и недопрен свет од активностите на човекот, а следствено на тоа и од фактори кои би ја загрозиле. Но, животната средина, всушност опфаќа и недопрени предели и урбани подрачја, и простори врз кои немаат влијание човековите активности, како и области со интензивни активности од страна на човекот, за жал најчесто со негативни влијанија врз опкружувањето. Според Законот за Животна средина (Службен весник на РМ, бр. 53/05 од 05.07.2005 год., бр. 81/05 од 27.09.2005 год.,       бр. 24/07 од 01.03.2007 год., бр. 159/08 од 22.12.2008 год., бр. 83/09 од 03.07.2009 год., бр. 48/10 од 09.04.2010 год., бр. 124/10 од 20.09.2010 год., бр. 51/11 од 13.04.2011 год., бр.123/12 од 2.10.2012 год., бр.93/2013 од 03.07.2013 год., бр.44/2015 од 19.03.2015 год.. член 5, став 1) „Животната средина е просторот со сите живи организми и природни богатства, односно природните и создадените вредности, нивните меѓусебни односи и вкупниот простор во кој живее човекот и во кој се сместени населбите, добрата во општа употреба, индустриските и другите објекти, вклучувајќи ги и медиумите и областите на животната средина“.

Што претставува загадување на животната средина?

Почетоците на антропогеното загадување на планетата Земја се тесно повразни со самиот развој на човештвото. Загадувањето како резултат на човековото дејствување датира со почетоците на користењето на огнот пред илјадници години. Меѓутоа, антропогеното загадување на Земјата почнува да има посериозно влијание врз животната средина и другите живи суштества во последните два века. Растот на светската популација поткрепена со индустриската револуција значително придонесе антропогеното загадување да има големо влијание на целата планета Земја. Индустриската револуција покрај донесениот технолошки напредок, овозможи и масовна примена на нафтата и нејзините деривати како главно гориво во економскиот развој. Па така загадувањето на животната средина претставува еден од најголемите проблеми со кои се соочува светот денес, и кој за жал се зголемува со секоја измината година, а штетите кој загадувањето ги предизвикува на Земјата и живиот свет се се потешко поправливи.

По дефиниција загадувањето е воведувањето на загадувачки материи во животната средина кои се штетни или непријатни за луѓето или другите живи организми, или предизвикуваат оштетување на животната средина, која може да дојде во форма на хемиски супстанции или на енергија како што се бучава, топлина и светлина”. Загадувачки материи можат да бидат природни супстанции или енергија, но се сметаат за загадувачи кога се присутни во износ кој ги надминува природните нивоа. Загадувањето значи претставува внесување на материи во воздухот, водата и почвата со кој се нарушуваат нормалните биохемиски и физички процеси во животната средина и кој негативно влијаат на живиот свет.

Кога се случува загадување?

Со еден збор, загадувањето на животната средина се случува кога животната средина не може да ги обработува и неутрализира штетните нус-производи од човековите активности (на пример, отровните гасови) во догледно време без структурни или функционални оштетувања на својот систем.

Всушност, “во догледно време” само по себе може да трае многу години во текот на кои природата ќе се обиде да ги разградува загадувачите; таков пример е фактот дека за целосно разградување на радиоактивните загадувачи се потребни илјадници години. Од тука може да се дојде до генерален заклучок дека загадување се случува, од една страна, поради неможноста на природата да ги разградува неприродно генерираните елементи (антропогени загадувачи), а од друга страна, луѓето не знаат начин за нивно разградување или едноставно не сакаат да вложат средства за истото.

Повеќе информации за загадувањето и загадувачките супстанци можете да најдете на следниот линк