Општина Аеродром

Општина Аеродром опфаќа 8 населби (Мичурин, 13 Ноември, Острово, Јане Сандански, Аеродром, Ново Лисиче, Лисиче и Горно Лисиче) и 1 село (Долно Лисиче), на површина од 21,85 km2, расположени на 240 метри надморска височина. Според податоците добиени во 2007 година од Државниот завод за геодетски работи и во согласност со Законот за територијална организација на ЛС во РM („Службен Весник на Република Македонија“ бр. 55/2004, 12/2005 и 98/2008) и Законот за град Скопје („Службен Весник на Република Македонија“ бр. 55/2004), Општина Аеродром се протега на делови од 3 катастарски општини и тоа КО Кисела Вода 2 со површина од 1131 ха (дел), КО Горно Лисиче со површина од 803 ха (дел) и КО Долно Лисиче со површина од 681 ха. Со Генералниот урбанистички план (ГУП) опфатени се 954 ха, со Основниот урбанистички план за село Долно Лисиче опфатени се 85 ха, а со Општиот акт опфатени се 1145 ха. Површината е со благ наклон кон речните токови од 0,1°. Границата се протега од мостот на железничката пруга на реката Вардар (тромеѓа на Општина Аеродром, Центар и Гази Баба) и се движи долж Транспортниот центар „Скопје”, железничката пруга во правец кон Велес до мостот на Маркова Река, продолжува по надворешната граница на КО (Катастарска општина) Долно Лисиче до реката Вардар и свртува спротивно по реката Вардар до мостот на железничката пруга на реката Вардар (тромеѓа на Општина Аеродром, Центар и Гази Баба). Целата територија на Општината е дел од Скопско Поле и го зафаќа источниот дел на градот Скопје.