Општина Македонски Брод

Општината Македонски Брод е сместена во централниот простор на Македонија, лежи во средното течение на реката Треска, на запад од планинскиот масив Јакупица. Таа зазема површина од 924 км2 или 3,63 % од територијата на Македонија и спаѓа во групата на средно големи територијално-административни целини-општини. Општината ја опфаќа областа Поречје и се протега на југ до планините Баба Сач и Бушава, на запад до Коњарник и Добра Вода, на север до Сува Гора и на исток до Караџица, Јакупица и Даутица. Просторот претставува природна целина која гравитира кон водотекот на реката Треска.

Општината Македонски Брод се гранчи со општините: Скопје, Велес, Прилеп, Крушево, Кичево, Гостивар и Тетово. Вкупната должина на границата на општината со соседните општини е 172 км. Кон соседните простори Општината пошироко е отворена единствено по долината на Треска кон Кичевската котлина додека на север каwонот на Треска го ограничува поврзувањето со Скопската котлина. Со Прилепско поле и Пелагонија, Поречје е поврзано преку превојот Барбарос, преку кој минува регионалниот пат Кичево-Брод-Прилеп. Оваа сообраќајница претставува и единствена позначајна комуникација која го поврзува Брод со соседните општини. Заграденоста на Општината со високи планини и клисурестиот карактер на долината на река Треска во минатото и денес претставуваат неповолен фактор за воспоставување на непречени комуникациски врски помеѓу Поречје и Вардарската долина како примарна сообраќајна артерија на Републиката. Можноста за комуницираwе со соседните општини освен преку регионалниот пат е исто така доста ограничена. Со Полог (општина Гостивар) единствена врска е воспоставена преку превојот Пеклиште (1.375 м) кој во голем дел од годината е непрооден. На исток со општините на Скопје постои врска преку превојот Кула (1200 м) на планината Караџица.